Касами ги кани АА и „Огнената група“, сака да формира опозициски фронт против ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По здружувањето со Алтернатива, претседателот на Движење Беса, Биљал Касами продолжува со поканите за опозициска соработка и до другите партии. Ваква јавна покана упати до пратениците на АА и членовите на оваа партија, односно до оние, кои како што се вели, се со опозициска ориентација. Касами упати покана за здружување до Огнената група, за која очекува конечно да се отцепи од ДУИ.

„Како претседател на Движење Беса му ја подадов раката за соработка на Африм Гаши и по целосното отцепување на фракцијата на ДУИ, ќе им ја подадам раката за унифицирана соработка и на нив. Упатувам коректна и искрена покана и до парламентарната група и целото членство на АА со опозициска ориентација за да се придружат на опозицискиот фронт бидејќи тие секогаш биле за промена на албанскиот политички блок за да падне ДУИ.“, рече Касами.

На прашањето на ТВ21 како ја коментираат понудата на Касами, Изет Меџити кратко одговори.

„Ја поздравуваме консолидацијата на албанската опозиција. Ние ќе ја продолжиме силната битка внатре ДУИ.“, изјави Меџити.

Истото прашање го испративме и до Алијанса за Албанците, дали и во оваа партија има незадоволна група како што тврди Касами, но не добивме одговор.

Касами и во петок изјави дека се во комуникација со групи кои не се задоволни од политичкиот субјект каде делуваат.

„Во блиска комуникација сме и со другите групи на незадоволни од ДУИ, Алијанса за Албанците и сите други политички субјекти, но и другите политички фактори со кои силно работиме за да направиме силен опозициски блок.“, вели Касами.

Пред неколку дена и лидерот на Алијанса за Албанците упати покана за соработка до Движење Беса, но тие одбија.