Градоначалникот на Тетово Биљал Касами го обвинува Секторот за внатрешни работи дека несоработувајќи со општината, прави хаос во градскиот сообраќај.
-Она што секојдневно го доживуваме со блокирани патишта и блокирани тротоари, денес на дело можеме да видиме и како е блокиран сообраќајот, но полицијата никаде ја нема да интервенира-рече Касами.
Касами дури вели дека нема да гради катни гаражи додека полицијата не почне да ги санкционира возачите кои погрешно паркираат.
„Ќе има катни гаражи кога полицијата ќе ги санкционира граѓаните кои паркираат на улица, ниту општината, ниту приватник не може да гради катни гаражи, бидејќи имаме паркинг на теренот зад нас кој не се користи“, рече Касами.
Од СВР Тетово велат дека за само 11 месеци изрекле над 5 илјади казни, додека полицијата во повеќе од 3.700 случаи асистирала на Пајак службата која е во надлежност на општина Тетово.
„Имаме изречено вкупно 5148 мерки за непрописно или неправилно паркирање возила во Тетово. Најголемиот број изречени мерки се однесуваат на паркирањето во таканаречените „двојни редови“, на просторот на крстосниците, тротоарите и други недозволени места, главно во централните делови на градот. Освен тоа, „Општинската пајак служба“ од Тетово во предметниот период подигна и отстрани вкупно 3.767 погрешно паркирани возила, кои директно го попречија нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот, возилата и пешаците.“, велат од СВР Тетово.
Ова не е прв пат Касами да упатува обвиненија до СВР Тетово, додека во градот во моментов сообраќа само едно од трите возила на пајак службата што ги имаше пред неколку месеци.
