Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, ја смета за противзаконска одлуката на Владата – општините да не можат да основаат компании или претпријатија за трговија со електрична енергија. Според него, тие поднеле барање во Централен регистар за основање претпријатие, но доколку бидат одбиени, како што вели Касами, ќе се свртат кон преземање законски чекори.
„Со уредба што ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, општините имаат можност да основаат јавни претпријатија, акционерски и трговски друштва за производство и трговија на електрична енергија. Ние како општина Тетово до Централниот регистар ја почнавме постапката за основање на претпријатието согласно одлуката на Советот и доколку нѐ одбијат ќе ги следиме сите законски процедури за истото да се реализира“, вели Биљал Касами.
Касами одлуката ја гледа како потег на штета на граѓаните:
„Сметаме дека е одлука на штета на граѓаните“.
Пред неколку дена, Владата одлучи општините да не можат да формираат претпријатија за менаџирање со електрична енергија.
Општинскиот совет на Тетово на 28 октомври основаше јавно трговски претпријатие за електрична енергија, а по само два дена Владата издаде забрана општините да формираат вакви субјекти.
Од Владата објаснуваат дека одлуката е донесена со цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија.
Слични претпријатија формираа и други општини. Според градоначалниците, на овој начин подобро ќе менаџираат со уличното осветлување, бидејќи сметките кои ги добиваат се превисоки.
