По 3 дена, пратеникот Кастриот Реџепи излезе на собраниската говорница за да одговори на сите прашања околу неговото исчезнување.
Него го чуваше обезбедувањето на собранието,а освен медиумите, присутен беше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошовски.
Реџепи рече дека своеволно и поради неговите убедувања одлучил да не го даде 61 глас за уривање на Владата. Додаде дека се срамни и несериозни тврдењата дека бил киднапиран.
„Со мојата волја и одлучност се засолнив на денот на гласањето на недоверба на Владата, за да не дозволам земјата поради резултатите од локалните избори да оди во насока која е спротивна на моите идеолошки убедувања“, истакна Кастриот Реџепи.
Објасни дека дента кога требаше да се гласа за уривање на Владата, мислел да дојде на седница, да одржи говор и да гласа против, но, како што вели, тешко му било да биде единствениот пратеник кој ќе гласа против.
„Да се биде единствениот во салата кој би гласал против интерпелацијата, барем во тие емоции, би дошло до некаква вербална пресметка, да не зборувам за другите. Од таа причина сметав дека најдобро е да не бидам присутен“, порача Кастриот Реџепи.
Додаде дека со откажал од уривање на Владата во моментот кога добил силни сигнали дека на 14 декември Македонија ќе добие датум за преговори.
„Поради процесот, зошто не можеше да се чека до 14 декември, потоа не 61 туку 75 ќе беа за уривање на Владата. Не ми е јасно инсистирањето сега пред процесот кога има јасни сигнали а со тоа дејство ќе бевме сигурни дека нема да добиеме датум“, додава Кастриот Реџепи.
Лидерот на Движење Беса преку Фејсбук го исклучи Реџепи од партијата, но сепак Реџепи вели дека се уште е пратеник на Движење Беса и потпретседател на оваа партија.
„Не сум информиран бидејќи не добив официјална одлука од партијата. Додека не добијам официјална одлука, јас сум член на пратеничката група на Движење Беса. Јас сум координатор на пратениците на Движење Беса. Го разбирам Претседателот за тоа што го направил во тој притисок и таа атмосфера. Воопшто не му се лутам, и понатаму го почитувам“, вели Кастриот Реџепи.
Реџепи извести дека во четврток добил заканувачки пораки, се консултирал со надлежните власти кои му доделиле лично обезбедување кое го чуваше и го пратеше додека излезе од собраниската сала.
