„Катастрофа, тешко е!“ – гостиварци за тешкотиите поради недостигот на безбедна вода

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вода во чешмите има, но не се осмелуваат да ја пијат бидејќи се сомневаат дека е затруена. Таква е состојбата во градот Гостивар. Анкетирани од Телевизија 21 во текот на денешниот ден, велат дека вода за пиење купуваат или полнат од јавните чешми во селата кои не се снабдуваат од градскиот водовод. Според нив, тешко е во овие високи температури да се справуваат со ваква состојба, бидејќи од страв од евентуално труење не се осмелуваат ниту садовите во домот да ги мијат со вода од чешма.

„Катастрофа е, не ја пиеме, ја купуваме. Сакале или не, не од желба, туку од мака ја купуваме. Вода без пари нема, водата без пари е државна, но не можеме да ја пиеме. Не само за пиење, туку ниту садовите не ги миеме, затоа што ако ги измиеш, исто е како да ја испиеш. Тешко е, ја купуваме, ја пиеме, но чистотата не е како што беше порано.“

„Се снаоѓаме, купуваме, има и некаде донации. Комуналното не било како што треба. А ние ја пиеме… Жената вечер ќе ме убие, ѝ велам: ‘Не пиј, тоа е како канализација’, а таа вели: ‘Не’. И вака е уште од почетокот на шестиот месец.“

„Не знам, многу лоша е водата. Јас и онака немам вода, одам во село и земам, а купувам и вода, бидејќи кај мене и онака нема вода, имам бунар. Не, не, вода без пари нема.“

Ерџил Исени, заменик-командир на Противпожарната единица во Гостивар, вели дека досега се распределени повеќе од 25 тони вода, од кои 12 тони се обезбедени од Општината, а 13 тони се донации.

„Во моментов досега се распределени околу 25 тони вода за пиење. Од Општина Гостивар досега пристигнаа околу 12 тони вода, а 13 тони се донации од почитуваните граѓани на Гостивар и околината. Владата засега овде, во Домот на пожарникарите, нема… нема донесено ниту еден литар вода. Очекуваме, ни рекоа дека денес ќе донесат, но сè уште не е пристигната. Мислам дека ако рекле дека ќе донесат, ќе донесат…“, рече Исени.

Сè додека надлежните институции не го потврдат квалитетот на водата, гостиварци не се осмелуваат да ја користат водата од градскиот водовод.