Казна во вредност од над 80 илјади евра за незаконско фрлање отпад во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека во изминатиот период се изречени казни во вредност од над 80 илјади евра за правни лица кои неодговорно постапувале со отпадот, пренесува ТВ21. Тој додаде дека за поефикасна борба против ваквите појави потребно е формирање на комунална полиција.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со спроведувањето на забраната за фрлање отпад по 22 часот, Ѓорѓиевски рече дека Инспекторатот на Град Скопје посветено ги извршува своите надлежности, но нагласи дека постојниот систем има ограничувања.

„Апсолутно ни недостига комунална полиција, за која очекуваме Законот за локална самоуправа да биде донесен во Собранието. Уште еднаш апелирам тоа да се случи што е можно поскоро. Не е доволно само да изречете казна, многу важно е и колкава е висината на казната“, истакна скопскиот градоначалник.

Ѓорѓиевски рече дека дел од граѓаните сметаат дека поевтино е да ја платат казната, отколку правилно да го одложат кабастиот отпад на депонијата „Дрисла“. Поради тоа, Градот планира секоја недела да овозможи бесплатно одлагање на овој вид отпад за сите жители на Скопје.

Според него, проблемот со дивите депонии е резултат на однесувањето на мал број неодговорни граѓани и компании, кои оставаат стар мебел и друг кабаст отпад покрај контејнерите, во парковите и на булеварите.

„Не можеме да дозволиме, повторувам, однесувањето на малцинство да ни создава проблем на сите. Малцинство се оние кои неодговорно се однесуваат кон животната средина, малцинство се оние кои кога ги реновираат кујните, креветите и сè останато, ги оставаат во парковите, на булеварите, околу контејнерите и така натаму. Имаме сериозни интервенции кон правните лица, во изминатиот период се изречени казни во вредност од над 80 илјади евра и тоа е сериозна сума на казни. Станува збор за градилишта или камиони кои неодговорно фрлаат отпад. Ако сите заеднички се бориме против проблемот што го предизвикува мал број луѓе, мислам дека ќе го постигнеме посакуваниот ефект. За бројките на казните, повторно велам, слободно можете да се обратите до инспекторатот“, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека во борбата против загадувањето и незаконското фрлање отпад активно се вклучени и скопските општини, оценувајќи дека со координиран пристап може да се постигнат посакуваните резултати.

Ѓорѓиевски додаде дека Град Скопје останува посветен на целосна транспарентност и дека сите подетални податоци за бројот на изречените казни се достапни преку градскиот инспекторат.