Ќе има ли молитви во џамии за Бајрам? – „Ако има тренд на намалување на заразени, зошто да не?!“, вели Зибери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако продолжи трендот на намалување на бројот на заразени со Ковид-19, ќе биде дозволено да се одржи молитвата во џамиите за празникот Бајрам, изјави синоќа во „Клик Плус“ директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери.

Како што рече, во соработка со Исламската верска заедница, но и со епидемиолозите ќе биде изготвен протокол за тоа како да се постапува со џамиите.

„Меѓутоа треба да се има предвид и собирањето во џамии. Начинот на собирање како што беше порано претставува ризик сам по себе. Така што ќе излеземе со прецизни информации како ќе се одвива враќањето на џамиите. До Бајрам има уште две недели. Повторно велам треба да видиме дали ќе има зголемување или намалување на бројот на заразени“, истакна Арбен Зибери.

Модератор: Има ли надеж макар намазот да се клања во џамија?

А.З.: „Ако работите се одвиваат по ваков тренд, зошто да не“.

Пикот на вирусот во земјава, според лекарот Беким Татеши, бил од 16 до 19 април, кога имаше регистрирано по 100 заразени на ден.

„Точно е дека сега кривата почна да оди надолу. Многу е тешко да се каже дали сме го достигнале пикот на вирусот, но според нашите анализи од 16-ти до 19-ти април бројот на заразени бил најголем – околу 100 на ден, а бројот на активни случаи беше околу 970“, вели Беким Татеши.

Лекарот Артан Дика, пак, вели дека со олеснување на мерките, земјата треба да го следи шведскиот модел и да излезе со повеќе совети и препораки за граѓаните.

„Многу е важно да се следи препораката од шведскиот модел и да има повеќе препораки, совети и и одредени мерки за возрасните групи кои се најизложени на овој вирус“, посочи Артан Дика.

Директорот на Центарот за јавно здравје, Зибери, вели дека во текот на неделата ќе излезат со конкретни предлози – кои мерки да бидат укинати и кога, додавајќи дека една од првите мерки ќе биде намалување на полицискиот час. Зибери верува дека во текот на летниот период ќе се организираат и свадби, но со посебни протоколи.