Ќе има ли покачување на минималецот? – В четврток прва седница на Економско-социјалниот совет

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во четврток ќе се одржи првата седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) по формирањето на новата Влада. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека на оваа седница ќе се разгледаат сите барања, идеи, критики и предлози од работодавачите и синдикатите, вклучувајќи и барањето за зголемување на минималната плата.

„Наша цел е да донесуваме одлуки заедно и транспарентно. Ќе ги разгледаме можностите на Владата, а исто така ќе ги слушнеме и работодавачите и синдикатите за да постигнеме заеднички консензус“, нагласи Дурмиши на денешната прес-конференција.

Во врска со барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од мандатот, Дурмиши посочи дека според законските прописи, покачувањето на минималната плата е планирано за март следната година.

„Според актуелниот закон, зголемувањето на минималната плата е предвидено за март. Методологијата е усогласена со синдикатите и работодавачите од минатата Влада. Доколку синдикатите не се задоволни од договореното, можат да предложат промени на првата седница на ЕСС во четврток“, изјави Дурмиши.

Ако се бара побрзо зголемување на минималната плата, тоа ќе бара измена на Законот и методологијата.

„Методологијата предвидува две компоненти за растот на минималната плата: првата е 50% од порастот на животниот стандард од претходната година, а втората 50% од просечната исплатена нето плата од претходната година. За да можеме да ја зголемиме минималната плата пред март, ќе треба да ја измениме оваа методологија“, дополнува Дурмиши.