Ќе имаат ли правно дејство потписите? – Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги достават пред први април

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ останува на собирање потписи и тврди дека правна основа за тоа имаат. Потпретседателот на партијата Александар Николовски вели дека за поднесување закон има право секој пратеник како и потписи на 10 илјади граѓани, иако одбегна да каже дека собирањето потписи има законска процедура. Тој вели дека тие потписи ќе ги достават кога ќе предложат закон за поништување на законот за попис.

„Сметаме дека овој закон за попис не е согласно стандардите на ЕУРОСТАТ и е закон за политички а не за статистички попис. Така што кога ќе застане една бројка од најмалку стотина илјади луѓе кои што ќе ги поддржат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во поднесување на законот, мислам дека многу пратеници други од владејачкото мнозинство ќе размислат три пати дали да го поддржат нашиот закон или не, јас мислам дека ќе го поддржат“, истакна Александар Николовски.

Но наспроти ваквото тврдење дека законот не е според европските стандарди, од ЕУРОСТАТ со одговор дека Законот за попис и методологијата се во согласност со критериумите на ЕУ.

„Во повеќето аспекти законот и методологијата се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската унија иако законодавството на ЕУ се уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат“, велат од Еуростат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат да соберат над 100 илјади потписи и најавуваат дека граѓаните ќе можат да се потпишуваат уште 18 дена, што значи до средината на март. Но наредната недела, односно на први март почнува пописот на припадници на Армијата, на вработените во Дипломатско конзуларни претставништва, на иселените, затворениците и бездомниците.  Ќе има ли време да го оспорат законот а со тоа и да го прекинат пописот?

„Точно е темпирано да се поднесе законот пред први април. Официјалниот почнува на први април а и знаете сите дека може, доколку се донесе таков закон во секој момент да биде прекинат“, посочи Александар Николовски.

Од СДСМ и натаму остануваат на ставот дека попис е неопходен и тој ќе биде спроведен. Ја обвинуваат опозицијата за собирање партиски потписи и е убедена дека нема да го поништи законот. Според законот, пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април.