Ќе нѐ освести ли трагедијата во Кочани?! „Изградивме систем кој почна да ги убива нашите деца“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Изградивме систем во овие неколку децении кој што за жал почна да ги убива нашите деца“, вели Горан Марковски, декан на Градежен факултет.

Систем преполн со дупки, импровизации, широко распространето мито и корупција, непочитување на стандарди и закони, немање контрола… Ова се главните причини според експертите – зошто ни се случи трагедија како во Кочани. Предупредуваат дека ако не застанеме на пат на таа дерозија на системот – оваа трагедија може да не е последна.

„Во градежништвото во таа една крајно сериозна, сензитивна, чувствителна дејност има се повеќе импровизации и се повеќе незнаење и неодговорност. Ако на тоа не застанеме на пат верувајте Кочани нема да биде последна ваква трауматична состојба и случка која ја имаме.“, изјави Марковски.

„Одете само на клиника и видете ги сите тие втори излези дека се со катанци затворени. Само на клиника отидете. Не дај боже нешто да се случи треба да го бараат клучот. Значи ние и во самото одржување на тие објекти имаме проблем и не знаеме. Истото најверојатно се случува и во школите, она едниот излез ви е отклучен другиот ви е заклучен.“, вели архтектот Мартин Пановски.

Според Пановски целиот систем е направен да има корупција. Законите и правилниците се такви што ќе ви требаат години низ државната бирократија да извадите документација. Системот ви вели направете вон процедура – вели тој.

„Тука е случајот буквално за криминалец кој што не сакал да плати и проектант ни ништо. Едноставно државата му дала, му дозволила да отвори, притоа дали го контролирала или не, тоа е веќе прашање. Иако би требало да имаат извршено контроли и по тие контроли таа дискотека не би требало да работи“, изјави Пановски.

Легализациите на дивоградбите само со елаборат без почитување на стандардите од Законот за градење, допринесоа во земјава на хартија и со прогледување низ прсти се да е легално.

„Системот е очигледно преполн со дупки. Сигурно дека легализацијата на бесправно изведени објекти, изградени објекти, низ која што се помина со една неподнослива леснотија, придонесува за нешто вакво.“, кажа Марковски.

Истрагата за трагедијата во дискотеката во Кочани покажа ерозија на системот како што кажа јавниот обвинител Коцевски. Имала само два противпожарни апарати, немала хидрантска мрежа, имала само една импровизирана врата и таа била затворена. Објектот е регистриран како деловен објект за лесна индустрија. Не е извршена пренамена во угостителски објект. Има фалс лиценца за кабаре.