По разговорите меѓу коалициските и владините партнери Зоран Заев денеска на средби и консултации со раководството, но и членството на партијата. Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека состаноци и консултации се во тек и дека за околу една недела ќе има конкретни решенија. Нас ни е приоритет да се зачува парламентарното мнозинство и да се најде формула како да продолжи да функционира Владата во овој момент, изјави Маричиќ.
„Консултациите и состаноците се во тек и навистина не е благодарно да изнесуваме детали и да кажуваме што ќе биде, бидејќи се уште се во тек консултациите и со коалиционите партнери и на ниво на СДСМ денеска има серија на средби и очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план“, истакна Бојан Маричиќ.
Маричиќ најави можност по денешните средби одговорност да понесат и други високи личности во СДСМ. Ќе се прави оценка на одговорноста на Централниот изборен штаб, рече Маричиќ, со што се постави прашањето дали можеби одговорноста ќе ја понесе и Љупчо Николовски, како шеф на изборниот штаб.
„Ние сме имале повеќе средби на неколку нивоа и денеска има сериозна серија на средби во која што ќе се прави оценка и на одговорноста на Централниот изборен штаб и на сите нивоа. Мислам дека после тоа, кога ќе се договориме ќе има сигурно објава што понатаму во смисла на понесување на одговорноста“, додава Бојан Маричиќ.
А во однос на понесување на одговорноста денеска оставка на партиските функции поднесе Горан Сугаревски, поради, како што наведува неуспехот на изборите.
„Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членството на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки“, порача Горан Сугаревски.
По пет дена од најавената оставка на премиерот Зоран Заев се уште траат консултации кој ќе седне на неговата позиција и во владата но и во партијата. Досега се вртат неколку имиња ,меѓу кои и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој, како што неофицијално се тврди, би можел да ги преземе и двете функции. Иако се шпекулираше дека поранешниот потпретседател на СДСМ Гордан Георгиев, но и актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ би можеле да го преземат водството на партијата, и двајцата ова го негираа.
