Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по една година пак го актуелизираше прашањето за банкарските провизии. Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Славески повика на разгледување на законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување на одредени банкарски надоместоци, по примерот на повеќе европски земји.
„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира провизиите што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања укажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји“, вели Трајко Славески.
Повикот на Славески доаѓа откако неколку банки најавија зголемување на провизиите за услугите во платниот промет, што предизвика негативни реакции во јавноста. Во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања. Според Гувернерот, во моментот не постојат оправдани економски причини за ваков потег. Славески објаснува дека во значителен број европски држави постојат механизми за ограничување на банкарските трошоци, кои обезбедуваат фер и предвидливи услови за граѓаните и компаниите.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, прашана за можноста да се ограничат банкарските провизии, рече дека „надоместоците не се дел од законска материја, ниту некогаш биле“.
„Надоместоците не се законска материја, така што немам повеќе што да додадам. Тоа што е законска материја ние го разгледуваме. Надоместоците не се дел од законската материја“, вели Гордана Димитриевска Кочоска.
Инаку, домашните банки ја завршија 2025 година со профит од речиси 304 милиони евра. Лани од провизии и од надоместоци наплатиле над 196 милиони евра, од кои чисти им останале над 118 милиони евра.
