Ќе плаќаме ли поскапа струја од јули?! Енергетските експерти во емисијата „Бизнис 21“ се децидни – очекуваат зголемување на цената за граѓаните. Некои сметаат дека тоа ќе биде минимум 10 до 20 проценти. Велат тоа го покажуваат реалните параметри и дека со оваа цена ЕСМ нема да преживее. Но потенцираат дека тоа е политичка не економска одлука, па ќе зависи од тоа колку владата е спремна да субвенционира.
-Би требало едно 10, 20 проценти да порасне сигурно. Најмалку тоа. Сега тука е прашањето колку е Владата спремна, државата да субвенционира дел, изјави Антон Чаушевски, универзитетски професор.
–Треба да се очекува, пазарно ако се гледаат работите, цената да порасне. Значи ако ЕЛЕМ ја продава сега за 60 евра, без 80 ЕЛЕМ нема да преживее, финансиски нема да преживее, вели Рубин Талески, универзитетски професор.
-Цената на граѓаните зависи од работењето на ЕСМ, бидејќи тие се единствениот понудувач кај универзалниот снабдувач и колку се спремни тие или да ја понудат својата цена, се разбира со поддршка на Владата, бидејќи таа е таа на крај која треба да ги штити граѓаните, таква ќе биде и цената за крајните потрошувачи, изјави Виктор Андонов, член на работната група за енергетика од СДСМ.
За универзитетскиот професор Константин Димитров, уште лани требало цената на ЕСМ да биде 70 евра за мегават час, а не 62 колку што ја продава сега на Универзалнит снабдувач.
-Мислам дека таа цена ќе се зголеми и затоа веројатно со законот ќе се дефинира да се помогне на тие ранливи, енергетска сиромаштија, а за другите дека малку ќе ја зголемат цената, да споделат тој трошок. Очекувам, мислам, верувам дека треба да се зголеми, изјави Константин Димитров, универзитетски професор.
Новинар: Колку проценти се вашите очекувања?
Димитров: Колку ќе се зголеми треба да се види дека електростопанство со оваа цена не може да преживее.
Сепак вели тоа повеќе ќе биде политичка отколку економска одлука. А на ниедна Влада не и оди во прилог зголемување на цени.
Инаку, новата цена на струјата ќе се носи до крајот на јуни, а ќе важи од 1 јули до крајот на годината.
