Ќе поскапи ли струјата од 1 јануари?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали ќе се зголеми цената на снабдувањето со електрична енергија? АД ЕСМ понудила иста цена од 65 евра за мегават-час на тендерот на ЕВН Хоум за обезбедување 70 отсто од потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

За преостанатите 30 отсто, понудената цена изнесува 74 евра за мегават-час. И за овој дел е избрана понудата на ЕСМ, бидејќи била поповолна од понудите на другите трговци со електрична енергија.

Така, просечната цена на снабдувањето со електрична енергија ќе изнесува 67,70 евра за мегават-час, што претставува зголемување од 4,15 отсто во споредба со актуелната цена од 65 евра.

Со оглед на тоа што во конечната цена се вклучени и трошоците за пренос, дистрибуција и други надоместоци, можно е да се очекува струјата за домаќинствата од 1 јануари да поскапи за 2 до 3 отсто. Конечната цена ќе ја утврди Регулаторната комисија за енергетика.

Промената е во согласност со Реформската агенда, според која од следната година државните електрани ќе обезбедуваат 70 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи по субвенционирана цена, додека преостанатите 30 отсто ќе се обезбедуваат по пазарна цена.

Во меѓувреме, во наредниот период се очекува да биде утврдена и новата цена на топлинската енергија, за која е предвидено поскапување од 7,5 отсто.

Дали навистина ќе има поскапување, ќе се знае во наредните денови.