Теодора Ефтимовска-Бојковска предложена за судијка во Уставниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на денешната 65. седница, едногласно ја предложи судијката Теодора Ефтимовска-Бојковска за судијка во Уставниот суд. Таа доаѓа од Основниот суд во Гостивар.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, информираше дека предлогот следува по констатирањето на оставката на судијата на Уставниот суд, професорот Гоце Наумовски, на 20 јули 2026 година, поради што треба да биде избран нов судија.

Според биографијата што ја презентираше Сајкоски, Ефтимовска-Бојковска е од Тетово. Во 1995 година дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1996 до 1998 година работела како волонтерка, а во 2008 година била избрана за судијка во Основниот суд во Гостивар, каде што постапувала по предмети од граѓанската област.

Со одлука на Судскиот совет, од 2023 до 2026 година била делегирана да ја извршува судиската функција во Основниот суд во Тетово, каде што продолжила да работи на граѓански предмети.

Сајкоски изјави дека станува збор за судијка со искуство.

Предлогот беше усвоен со осум гласа „за“, без ниту еден глас против или воздржан.

На истата седница беше разгледано и барањето на Лирим Сулејмани за остварување на правото на плата по завршувањето на мандатот како член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комуналниот отпад.

Комисијата го усвои предлогот за остварување на ова право, согласно членовите 19 и 20 од Законот за платите и другите надоместоци на избраните и именуваните лица.