Ќе се бира ли меѓу Брисел и Вашингтон? – Меџити: Ние сме мала држава и ги поддржуваме границите на Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија нема изградено државен став какви мировни преговори за Украина поддржува. Дилемата се покрена откако новиот американски претседател Доналд Трамп започна процес на разговори со Москва, но на маса не беа поканети челниците на Европската Унија, кои инсистираат Унијата да биде дел од преговорите. Дали ќе се даде поддршка на ставовите на Брисел или пак на Вашингтон, вицепремиерот Изет Меџити кусо одговори:

„Ние како чинители сме мала држава, но јасно сме ја осудиле руската агресија и се што оди во прилог на мирот и да се заштитат интегритетот и границите на Украина, ние го поддржуваме тоа.“, порача Изет Меџити.

Тензиите на релација Брисел-Вашингтон се покренаа откако новиот потпретседател на САД, Џеј-Ди Ванс на Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше Европската Унија. Од говорот незадоволни беа поголемиот број на државници од ЕУ-членките. Сепак, премиерот Мицкоски ги искористи тезите на американскиот потпретседател за да го критикува Брисел за проширувањето.

„Имаше говор во првиот ден, на отворањето, од страна на потпретседателот ЏД Ванс и слушам некои гласови дека тоа бил говор со големо мешање во некои од внатрешните прашања. Менувањето на името, менувањето на знамето, на валутата, што е? Не е мешање во внатрешните работи?“, вели Христијан Мицкоски.

Дали Македонија ќе заземе страна, неодамна во интервју беше прашан и спикерот Африм Гаши.

„По овие нови настани јас мислам дека нашите пријатели нема да не стават во ситуација ние да избираме. Јас мислам дека ние во никој случај не треба да се определиме за еден или за друг. Јас мислам дека е многу стратешко , во интерес на нашата држава на сите граѓани, ние да продолжиме да одиме со тие две нозе – Брисел и Вашингтон.“, вели Африм Гаши.

Последно, амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер истакна дека е задоволна што Мицкоски е повторно во Вашингтон, бидејќи треба да се јакне билатералната соработка. Мицкоски е во САД на конференција на конзервативни партии, каде ќе се обрати американскиот потпретседател Џеј-Ди Ванс, предводникот на излегувањето на Британија од ЕУ, Најџел Фараж, словачкиот премиер Роберт Фицо кој не е меѓу силните поддржувачи на Украина и други…