Доколку следниот месец има избори, истите ќе се реализираат под посебни протоколи. Изборниот ден се бара да трае два часа повеќе, односно да може да се гласа до 21 часот, митинзи ќе има со ограничување на бројот, а ќе се спроведува и кампања од врата на врата.
На избирачкото место ќе може да влезат онолку лица колку што има боксови за гласање, а за ваша идентификација, ќе мора да ја симнете и заштитната маска од вашето лице.
Оливер Дерковски за ТВ21 вели дека за да има продолжување на изборниот ден, ќе мора да измени законот, а бидејќи имаме нефункционално Собрание, ќе мора да се продолжи вонредната состојба, за Владата да донесе уредба со законска сила за измена на изборниот законик.
„На избирачкото место ќе се чека на дистанца од 2 метри, при самото влегување најпрво ќе треба да се дезинфицираат рацете“, вели Филипче и додава:
„Доколку постои можност, а за што треба да се консултира ДИК се препорачува зголемување на времето за гласање за два часа, со цел да се избегнат поголеми гужви.“.
Активистите во политичките штабови ќе може да се задржат најмногу до два часа, а министерот за здравство вели дека ќе бара од Претседателот на државата и продолжување на вонредната состојба.
„Нас ни е потребно вонредната состојба да се продолжи затоа што дел од мерките што ги препорачуваме важат за време на вонредната состојба. Битно е да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми во однос на рестрикциите и уредбите даважат, бидејќи е сѐ уште важно да имаме инструменти преку кои овие препораки на Комисијата ќе може да се имплементираат преку Владата“, ијави Филипче.
Во текот на утрешниот ден ќе заседава Советот за безбедност кај претседателот на државата кој треба да одлучи дали ќе се продолжи вонредната состојба.
Донесената одлука за патување на функционерите надовор од Македонија прв ќе ја искористи Министерот за здравство, кој денеска ќе патува за Грција и ќе оствари средба со неговиот колега. Тема на разговор ќе биде претстојната летна сезона и отворањето на границите.
