Од петте главни ветувања кои градоначалничката на Тетово, Теута Арифи ги даде во 2013 година, кога всушност го освои и првиот мандат, го реализирала само проектот за изградба на водоводна мрежа. Јавниот превоз, подземните паркинзи, проекти за чист и урбан град, и понатаму остануваат само ветувања. За сето ова Арифи говореше во синоќешното издание на „Клик Плус“.
-Ако зборуваме за првиот мандат, она што беше главната инвестиција беше инвестицијата за градскиот водовод-рече Арифи.
За патот кој води до Попова Шапка вели дека чека проект од ЕУ вреден 1.5 милиони евра, а за уредување на овој рекреативен центар, Арифи нагласи дека се потребни над 100 милиони евра, за што, како што рече, треба да се ангажира и Владата.
-Ние конкуриравме и како што реков, средствата се преполовени. Ќе треба да настојуваме проектот да се реализира, ако не целиот со тие средства, тогаш со дополнителни средства за да може да заврши патот кај викендичките-вели Арифи.
Во однос на бесправните градби кои „никнаа“ на Попова Шапка, Арифи открива дека досега Инспекторатот ги урнал само оградите, а ниту една викендичка.
Арифи: Нашиот Инспекторат ги идентификуваше како дивоградби оградите и истите се отстранети. Доколку има податоци од ваква природа, тогаш ќе биде покрената кривична постапка.
Н: Дали е срушено некое одморалиште откако сте градоначалничка?
Арифи: Срушени се само оградите.
Н: Некој може да дојде да почне да гради и ќе дојде општината и ќе ја сруши само оградата, а не викендичата?
Арифи: За жал, законски само оградата е нелегална. Онаму каде што има незаконитост, таму интервенираше Инспекторатот.
Арифи се осврна и на проблемот со бездомните кучиња и рече дека е потребен сериозен пристап од државата, додавајќи дека општината со своите можности ги вакцинира и стерилизира кучињата скитници. Градоначалничката на Тетово, вети и преименување на улиците кои не се признаени од Министерството за внатрешни работи, како и асфалтирање на патот кон Шипковица. Но, дали Арифи ќе се кандидира и за трет мандат?
-Јас не бегам од трките, бидејќи на некој начин тие се мојот живот. Но, за мене најважно е да направиме добри нешта за нашите граѓани-рече Арифи.
Во општинската администрација има над 420 вработени, што според Арифи е висока бројка. Како што тврди, општината би функционирала доста добро и со само 150 вработени, но вели дека не може да отпушти никого, бидејќи општината ја наследила со толкав капацитет.
