Ќе се одземат две лиценци за игри на среќа – Лукаревска контра Кочоска: УЈП постапуваше по дописите на МФ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре на владина седница се очекува да се одземат лиценците на две фирми кои приредувале игри на среќа, а не плаќале давачки. Од Владата потврдуваат дека им пристигнал предлогот од Министерството за финансии, за кој информираше министерката Гордана Димитриевска Кочовска, која истакна дека фирмите не плаќале ниту данок на личен доход. Сепак, тврдењата на Кочовска дека претходното раководство на УЈП подолг период не постапувала по дописите на Министерството за да се истражат овие две фирми, ги негираше поранешната шефица на Управата, Сања Лукаревска. Таа вели дека никој не бил привилегиран, се постапувало законито, одговорно и не е точно дека не се постапувало по дописите.

„Првичното барање од Министерството за финансии до управата за јавни приходи е доставено уште во јули 2023 година, по што се направени неколку ургенции, на што е постапено од страна на Управата дури во јуни 2024 година, односно откако во УЈП доаѓа новото раководство.“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

„Можеби некогаш со доставување на одреден допис навремено не е постапено, меѓутоа секој пат е постапено. Никој пат на штета на самата институција, на буџетот или пак на штета или соодветна тенденција кон конкретен даночен обврзник или пак да направиме соодветна привилегија.“, додава Сања Лукаревска

Лукаревска повика да се разгледа целосната документација. Според неа, некогаш е потребен подолг период да се истражат приредувачите на игри на среќа, зашто тие се, како што вели, специфични обврзници.

„Многупати имаме реагирано и до Министерството за финансии и конкретно до Владата за одредени неправилности во работењето на различни приредувачи на игри на среќа. Наше е да констатираме, наше е да ја утврдиме конкретната фактичка состојба.“, вели Сања Лукаревска.

Допрва ќе се истражува колку конкретните две фирми го оштетиле буџетот. Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа соопштија дека сите приредувачи мора да го почитуваат законот и за ова не смее да се прави компромис. Тие го поздравија Министерството за расчистување на околностите кои доведоа до предлогот за одземање на лиценците, за, како што додаваат, да се зачува кредибилитетот на индустријата.