Ќе се повлече ли премиерот Зоран Заев доколку по вториот круг на локалните избори го изгуби Скопје, но и поголем дел од општините. На ова прашање во магазинот Клик Плус на ТВ21 Заев не одговори конкретно, но рече доколку тоа се случи, политиките на власта тешко ќе се остваруваат.
„Во такви околности јас како претседател на Влада и Влада предводена од мене не можете да влечете напред кон Европската унија кога имате политики на локално ниво кои што ќе направат се за да се скараат со Бугарија со Грција, во моментот две земји членки на Европската унија кои што само можат да молчат и нема напред.
Така што 31-ви е all in. Се носи одлуката и треба да си знаат. Ова не е ниту закана, ова е чесно споделување на чувствата. Јас реков никој не е определен и гарантиран од татко му, од партијата дека е таму и таму. Важно е само народот и државата. Сето друго и менливо и минливо“, истакна Зоран Заев.
Дали е можно да има предвремени парламентарни избори за кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги бара по резултатите од локалните избори, Заев вели дека Владата е стабилна и нема потреба од такво нешто.
„Не мислам дека во државава треба да има парламентарни избори. Тоа што јас го кажав дека јас и Влада предводена од мене, тоа не значи дека треба да има парламентарни избори. Впрочем вчера е истиот ден во кој што е потврди стабилно политичко мнозинство и нема тука дилема. Не може, не Мицкоски, кој сака нека е, да привлече од тоа мнозинство затоа што не нуди нешто подобро. Во моментот кога ќе понуди нешто подобро тогаш, се е отворено и тоа е демократија“, додава Зоран Заев.
Емисијата Клик Плус на тв 21 со интервјуто на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ќе се емитува вечерва во 21.30 часот.
