Ќе се повтори ли 2011 година?! – Пописот уште со технички проблеми, ДЗС вели активностите течат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓанин: Па како доаѓаш во двор без маска, нели треба маска да имаш….

Попишувач: Имам маска, еве…

Граѓанин: Сега ја ставаш, оти прејска не ја стави…што вртиш сега глава, те прашувам зошто без маска дојде на врата да ми чукаш…

Попишувач: Ама како, па со маска идам…

Со вакви проблеми се соочија некои од попишувачите уште на самиот почеток, откако тропнаа на вратите на домовите на граѓаните. Проблеми имаше и кога падна системот, а беше блокирана и електронската апликација, па мораше да се рестартира. На 8 септември не се попишуваше поради празникот, а деновиве и не се знае дали воопшто функционира најголемата статистичка операција. Молк од Државниот завод за статистика. Нашите обиди да добиеме информација дали воопшто се спроведува пописот пропаднаа. Ниту директорот Апостол Симовски, ниту заменик директорот Илми Селами на одговараа на телефонските повици ниту на пораките. На самата страна на Државниот завод за статистика во денешното  соопштение  се наведува, дека и натаму се прават обиди за отстранување на техничките проблеми, а воедно  се тврди дека пописот не е прекинат.

„Пописните активности на терен течат, не се прекинати, а се спроведуваат со намален интензитет со цел техничко усогласување да се заврши во најкраток можен рок и час, поскоро процесот да продолжи со висок интензитет како и досега. Ова се должи на техничките интервенции кои се вршат во софтверот за пописната апликација, поради што се диктира и прилагодува темпото на попишување заради санирање на пречките кои доведуваа до успорување на пописната апликација. Тимот за техничка поддршка на пописните активности работи забрзано за надминување на проблемот, што значи дека во најбрз можен рок сите попишувачи ќе можат непречено да ја вршат својата работа“, велат од ДЗС.

Техничките проблеми имаше уште по вториот ден од пописот, а првиот човек на статистика, Симовски, рече, одговор зошто не се попишува населението да се бара во Владата. Се обидовме да стапиме во контакт со министерот за правда Бојан Маричиќ, но неговиот портпарол ни рече дека остануваат на ставот изнесен во соопштението на Статистика. Според последните информации досега се попишани над 200 илјади граѓани, а само на првиот ден од пописот се пофалија дека се попишани околу 100 илјади граѓани.