Ќе се реконструира железничката станица во Скопје – Ивановски: Не може да биде рекламно пано и турбо-фолк хаб

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Железничката станица во Скопје за 5-6 години ќе блесне во стариот сјај. Реконструкцијата ја најави директор на МЖ „Инфраструктура“ Синиша Ивановски, кој рече дека планот е да  биде готова во исто време со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.

„Ако завршиме со проект за година дена од денска до година и пол, после тоа за финансирање или ќе се оди со државниот Буџет, втора опција е да се направи заем на класичните заеми до сега што ги имаме со ЕБРД, со ЕИБ, комерцијалните банки, но не е ја исклучувам  можноста оваа железничка станица да влезе во  стратешкото партнерство со Велика Британија поради тоа што со нив ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти“, вели Синиша Ивановски.

Ивановски кажа дека Железничката ќе го задржи основниот изглед како што е направена во 1981 година според проектот на Кензо Танге, но притоа ќе има и нови современи и модерни елементи во архитектурата. Ќе има промена на инсталации, ќе се реши греењето, ладењето, водоводот.

„Она што станицата изгледа како питстоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање, на било какви билборди  се што во моментов го гледате. И тоа нема да чекаме проект, ќе почнеме веднаш. Договорите кои што ги имаме за закуп на рекламни паноа, нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбо-фолк хаб во државата“, порача Синиша Ивановски.

Проектот ќе се спроведува заедно со Градежниот  и  Архитектонскиот факултет.

„Очекуваме со сите интервенции кои што ќе ги предложиме и секако во прв план ќе се однесуваат на реконструкција на оригиналната состојба, со сета почит кон големиот проектант, исто така ќе придонесат и со надградување на одредени содржини кои што овој објект ќе го направат еден вистински социјален хаб“, вели Анета Христова Поповска.

„Е Многу значаен овој почеток затоа што ние сите сакаме да бидеме дел од едно пошироко семејство, да бидеме дел од таа паневропската мрежа во која и што припаѓаме“, вели Јосиф Јосифовски.

Градежните работи пак за брзата пруга на Коридорот 10 се очекува да почнат следната година, а да биде готова и пуштена во употреба за пет-шест години заедно со реконструираната Железничка станица и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје. Паралелно со тоа МЖ Транспорт ќе треба да набави нови возови и локомотиви.