Ќе се реши ли проблемот со Онкологија? ВМРО-ДПМНЕ со панел дискусија, СДСМ повторно со барање за оставки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Темата за недостигот на лекови за болните од канцер дебата на панел дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ. На неа говореше Рашела Мизрахи која беше претседателка на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката за онкологија во септември 2023 година. Таа со критики за претходната власт која, како што вели, не само што ја довела Клиниката во хаос, туку и дека профитот им бил поважен од животите на граѓаните.

-Кога немате анализа, на крајот имате хаос, којшто очигледно дека имало профити, кои што биле позначајни отколку животот и здравјето на граѓаните. До тука можеме да заклучиме дека системот бил во целосно безредие, хаос, којшто довело до колапс и верувавме дека овој колапс не е само на Клиниката за онкологија, туку во целокупниот здравствен систем, изјави Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

Но Белкиса Зеќири од СДСМ вели дека власта наместо да преземе одговорност и веднаш да го реши проблемот, тие имаат изговори и оправдувања и дека за својата неспособност обвинуваат други. Од оваа партија и натаму тврдат дека за недостигот на лекови виновни се Стојковски, Клековски и Таравари.

-Одговорноста за голготата низ која поминуваат онколошките пациенти е целосно кај власта поради неодговорното и ненавремено планирање и финансирање на јавните набавки за овие лекови. За пациентите кои сега страдаат и го ризикуваат животот одговорни се директорот на Клиниката на Онкологија, Директорот на Фондот за здравство и министерот Таравари. Затоа и треба да понесат одговорност, изјави Белкиса Зеќири од СДСМ.

На барањето на СДСМ за оставка од директорската функција во Фондот за здравство, одговори токму Клековски, кој рече дека ваквите барања на опозицијата се неосновани бидејќи се работи за надминување на проблемот со недостиг на лекови на Онкологија.