„Кина, Русија, Иран се главните закани за САД во 2021 година“, се вели во извештајот од националното разузнавање

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Американското национално разузнавање денеска објави извештај со оценка за основните закани во 2021 година. Според Директорот на националното разузнавање, Кина, Русија и Иран остануваат главните соперници на САД и оваа година.

Во извештајот се вели дека Комунистичката партија на Кина ќе продолжи со државно спонзорираните напори да го шири кинеското влијание и да го поткопува она на САД, да врши раскол меѓу Вашингтон и неговите сојузници и партнери и да спроведува нови меѓународни норми во полза на авторитарниот систем на Кина.

-Пекинг гледа на се поконкурентните американско-кинески односи како на дел од едно епохално геополитичко поместување и гледа на економските мерки на Пекинг како на дел од пошироките напори на САД да го запре подемот на Кина, стои во извештајот.

Се додава дека „успехот со запирањето на Ковид-19, Кина го наметнува како потврда за супериорноста на својот систем. Пекинг исто така се повеќе ја комбинира својата зголемена воена моќ со економско, технолошко и дипломатско влијание за да ја зачува КПК, да обезбеди територијално и регионално првенство и да бара меѓународна соработка на штета на Вашингтон“.

За Русија, американските разузнавачи велат дека „во 2021 година Москва ќе продолжи да користи разновидни тактики за да го поткопа влијанието на САД, да развие нови меѓународни норми и партнерства, да прави раскол во западните земји, да ги ослаби западните сојузи и да демонстрира способност за влијание на Русија врз меѓународните настани како крупен играч во новиот повеќеполарен меѓународен поредок“.

Се наведува и дека Русија годинава ќе продолжи да го развива својот воен, атомски, вселенски и кибер и разузнавачки потенцијал.

Американските разузнавачи потврдуваат дека Федералната служба за безбедност (ФСБ) извршила атентат врз чеченски опозициски активист во Берлин во 2019 година, и дека на територијата на Русија во 2020 година се обидела да го убие рускиот опозициски активист Алексеј Навални со употреба на хемиски боев отров од четврта генерација.

Се додава и дека Русија ги проширила своите ангажмани во Венецуела, ја поддржува Куба и дека со продажба на оружје и енергија се обидува да го засили своето влијание во Јужна Америка. Москва ќе биде главен играч на Кавказот, може да интервенира во Белорусија ако смета дека тоа е потребно и ќе продолжи со дестабилизирачките напори во Украина со одржување на конфликт што тлее, се наведува во извештајот.

За Иран, се вели дека ќе продолжи со своите провокации во Блискиот исток и дека е постојана закана за американските и сојузничките интереси во регионот.