Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во Македонија, а во моментов околу 7.000 пациентки се лекуваат или се лекувале од ова заболување. Овие податоци беа изнесени на третиот „Розов пикник појадок“, кој денеска се одржува во Школка во Градскиот парк во Скопје, со цел подигнување на свеста за превенцијата, раното откривање и лекувањето на ракот на дојка.
Според изнесените податоци, ракот на дојка е најчеста причина за смрт од малигни заболувања кај жените во Македонија. Во 2024 година стапката на смртност достигнала 39,4 на 100 илјади жени, што е највисоко ниво во последните 15 години.
Настанот го организира ХЕМА-ОНКО, а присуствуваат пациенти од повеќе градови во земјава, жени кои во моментот се лекуваат, оние кои го завршиле лекувањето, нивните семејства и други граѓани. Поддршка на настанот и оваа година му даде и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која го поддржува од неговото прво издание.
Милица Кузмановска посочи дека „Розовиот пикник појадок“ по трет пат ги обединува пациентите и нивните семејства, со фокус на превенцијата и едукацијата.
„Денеска по трет пат, трета година по ред ќе го одржиме овој настан кое е и за нас, меѓутоа и за пациентите, за нивните семејства и за сите граѓани е од огромно значење во однос на превенција, на едукација“, изјави Кузмановска.
Таа рече дека е особено значајно што настанот ги обединува пациентите од цела Македонија, а истовремено го отвора и прашањето за проблемите со онколошката терапија и пристапот до здравствените услуги.
Кузмановска оцени дека проблемите со терапијата продолжуваат и посочи дека начинот на кој таа се набавува треба да се промени. Таа информираше дека здруженијата заедно со Министерството за здравство и Фондот за здравство работат на промена на Законот за лекови. Во моментов, како што рече, недостасува еден лек од терапијата, но се очекува дистрибутерите да го достават до крајот на неделата.
Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, истакна дека подигнувањето на свеста за ракот на дојка останува еден од приоритетите и нагласи дека успешното лекување во голема мера зависи од навременото откривање на болеста.
Како еден од главните проблеми тој ја посочи скрининг програмата за рак на дојка, која според извештајот на Државниот завод за ревизија е неуспешна.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со Хема – онко ќе промовираме нов концепт за скрининг програмата“, рече Клековски.
На проблемот со скринингот укажа и Кузмановска, која рече дека во моментов жените без симптоми немаат доволно можности навремено да дојдат до преглед.
„Во овој момент пациентите се приморани да лажираат симптоми како би биле прегледани“, рече таа, додавајќи дека е потребно да се воспостави систем во кој жените ќе можат да се прегледаат навреме, без да мора претходно да имаат симптоми.
Клековски информираше и дека два лека за рак на дојка се префрлени на позитивната листа, со што пациентките кои се на хронична терапија можат да ги подигнуваат лековите во аптеките, наместо да доаѓаат на Клиниката за онкологија. Според него, снабдувањето со лекови во моментов е стабилно, но Министерството за здравство анализира дополнителни мерки за да се надминат можните прекини во испораката на терапијата.
Тој потсети и дека од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија, со цел реконструктивните зафати да се изведуваат веднаш по оперативниот третман.
„За нас тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“, нагласи Клековски.
Од ХЕМА-ОНКО, Ана Марјановиќ порача дека редовните самопрегледи и раното откривање значително ги зголемуваат шансите за успешно лекување. Кај жените кај кои ракот на дојка е откриен во рана фаза, стапката на преживување, според неа, надминува 99 проценти.
Марјановиќ истакна дека и покрај тоа што во моментов државата нема функционална скрининг-програма, жените преку редовни самопрегледи можат навреме да забележат промени и да побараат лекарска помош.
„Искрено верувам дека ако жената добро го познава своето тело и активно се грижи за своето здравје, ракот може да биде откриен во фаза кога лекувањето е најуспешно“, истакна Марјановиќ.
Таа информираше и дека годинава е воведен тумор-борд за третман на рак на дојка, кој го оцени како значаен исчекор во лекувањето. Според неа, одлуките за третман треба да ги носи мултидисциплинарен тим составен од онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози, наместо од поединец.
Марјановиќ изрази надеж дека во текот на следната година во работата на тимот ќе биде вклучена и Клиниката за пластична хирургија, со што на пациентките би им се обезбедила поквалитетна психолошка и физичка поддршка уште од почетокот на лекувањето.
Од „Розовиот пикник појадок“ беше упатена заедничка порака дека превенцијата, редовните самопрегледи, достапните прегледи и раната дијагноза се клучни за намалување на смртноста од рак на дојка и за зголемување на шансите за успешно лекување.
