Премиерот Христијан Мицкоски најави можно рестартирање на производството во рафинеријата „Окта“. Владата побарала од сопствениците на „Окта“ да ја разгледаат можноста за активирање на рафинеријата. Премиерот очекува многу скоро информација дали, и за колку време, евентуално би можела рафинеријата да биде ставена во функција. Прашањето било покренато на состанокот со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, меѓу кои и со раководството на „Окта“. Меѓународната организација за енергетика веќе предупреди дека ќе има недостиг на дизел. Но,премиерот вели дека нема причина за загриженост од недостиг до крајот на годинава, а не се очекуваат застои и во текот на следната година.
-Никој во светот не може да издржи повеќе од три месеци, ако нема доставување на дизел гориво, вклучително и ние. Она кое што е важно е дека ние имавме состанок со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, вклучително и со раководството на „Окта“. Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производствениот процес на рафинеријата „Окта“, имајќи предвид дека продуктоводот сега е во функција, односно рафинеријата физички е поврзана со солунското пристаниште. Така што може да се носи во иднина сурова нафта и во рафинеријата да се преработува и да се користи за дизел гориво, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
