Клиентите на „Алта банка“ без картички од денеска ќе можат да подигнуваат готовина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пензионерите и примателите на социјална помош кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола, но немаат платежни картички, од денеска ќе можат да располагаат со своите средства преку исплата во готовина на шалтерите на банката.

Од банката информираат дека клиентите ќе можат да подигнат најмногу 20.000 денари, што е дозволениот износ за период од две недели.

Исплатата ќе се врши на повеќе шалтери во главната филијала на улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21 во Битола. Клиентите треба да добијат СМС-порака со датумот и точниот час за подигнување на парите.

Од „Алта банка“ апелираат граѓаните да ги почитуваат закажаните термини за да се избегнат метеж и подолги чекања. За оние кои нема да можат да дојдат во предвидениот период, ќе бидат организирани дополнителни термини.

Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за извршување други банкарски трансакции.

Дополнително, од 6 ноември, како и во сабота на 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени. Во меѓувреме, во тек се подготовки за организирање исплати и во други градови.