Клинички центар „Мајка Тереза“ со „паметен“ паркинг – Алиу: Капацитетот на паркирање двојно ќе се зголеми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се чини дека е најдено решение за хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар во Скопје. Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека најдоцна до утре ќе се потпише договор со ЈП „Градски паркинг“, со што ќе се изгради едно од најмодерните и целосно дигитализирани паркиралишта во главниот град, со 24-часовен мониторинг и 300 паркинг-места.

„Ова ќе биде паркинг каков што нема на државно ниво – целосно дигитализиран, ‘паметен’ паркинг којшто од моментот кога ќе влезете, па сè до излезот, автоматски, дигитално ќе ве следи и ќе комуницира со возилото. Ќе има посебни влезови, особено за одделот за кардиологија, бидејќи знаеме дека времето е клучен фактор за тие пациенти. Излезите ќе бидат исти. Капацитетот на паркирање ќе се зголеми двојно поради просторната оптимизација на паркинг-местата.“, вели Азир Алиу.

Сè уште не е позната точната цена на паркирањето во Клиничкиот центар, но е познато дека посетителите ќе бидат поделени во четири категории.

„Цените ќе бидат различни – онколошките пациенти ќе паркираат бесплатно, односно ќе го користат паркингот без пари. За пациентите кои не спаѓаат во таа категорија ќе има друга цена. Третата цена е за вработените во кампусот, а четвртата категорија се граѓаните кои доаѓаат од други причини, како што се посети и слично.“, вели Азир Алиу.

Инаку, со паркингот на Клиничкиот центар сега управува Јавното претпријатие „Градски паркинг“, но паркинг-местата се недоволни во однос на капацитетите и потребите на центарот.