Клиниката за урологија во Скопје станува регионален центар за обука на уролози

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Универзитетската клиника за урологија во Скопје се профилира како регионален центар за едукација и обука на уролози од земјите во регионот. Министерството за здравство соопшти дека на 2 ноември, клиниката организирала меѓународна едукативна програма на која учествувале уролози од Бугарија, Србија, Косово и Албанија.

Учесниците се запознале со најсовремените хируршки методи за третман на уринарната инконтиненција и еректилната дисфункција преку примена на уролошки импланти и протези.

Во рамки на еднодневната програма биле изведени три хируршки интервенции, меѓу кои имплантација на триделна пенилна протеза и поставување два вештачки уринарни сфинктери кај мажи.

Покрај непосредното следење на операциите, лекарите учесници добиле информации и за изборот и подготовката на пациентите, видовите импланти, начинот на нивно поставување, како и можните постоперативни компликации.

Интервенциите и едукативната програма ги предводел професорот д-р Огнен Ивановски.

Од Министерството за здравство оценуваат дека оваа иницијатива претставува значаен чекор во развојот на урологијата во земјава и промоцијата на домашната експертиза во регионот.

Според најавата, клиниката и во иднина ќе продолжи да служи како центар за едукација, обука и професионално усовршување на уролозите од земјите во регионот.