„Клуч на врата“ и казни за маркети и увозници – околу 70 правни субјекти имале незаконско високи маржи, осум се затворени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осум правни субјекти од кои три најголеми увозници на овошје и зеленчук добија забрана за работење од 15 дена и парични казни поради потполно непочитување на владината одлука за ограничување на бруто маржите и на цените. Во овие осум затворени фирми има три помали маркети и една аптека, велат од Државниот пазарен инспекторат и додаваат дека увозниците на овошје и зеленчук имале огромни маржи.

„Значи буквално, од влегување на одреден производ на граница па до рафт, просек да речеме е 70% бруто профитната маржа. Свесен сум дека сме мал пазар, но 70 проценти е многу“, вели Влатко Стојкоски.

Но, при контролата на 365 трговци на мало и 64 трговци на големо, каде се опфатени околу 1.000 мало и големопродажни објекти како и трговци на големо и дистрибутери, утврдено е дека има непочитување на законите за трговија и за заштита на потрошувачите кај 36 правни субјекти, а за уште триесетина се обработуваат предметите.

„А во овие триесетина се појавуваат некои од големиве маркети?

„Да, сите до еден“, вели Влатко Стојкоски.

Владината одлука опфаќа ограничување на бруто профитните маржи. Според одлуката основни прехранбени производи како млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко имаат ограничена маржа од 5%. Месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини имаат ограничена маржа од 10%, а свежото овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично имаат ограничена маржа од 15%. Оваа одлука важи за над 1.000 производи и ќе трае до 30 април 2025 година. Целта е да се намалат цените на основните производи за околу 10%.