Коалиција „Менуваме“ со ултиматум до Владата – ќе ги блокираат патарините кај Тетово и Миладиновци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Додатокот на лица со попреченост да ја достигне минималната плата, „бели стапчиња“ за слепите лица наместо трошење пари за лубриканти.

Центри за рехабилитација, наместо „Дино Парк“ и живеалиште за пингвини. Право за гласање на 26 години, а не на 18, се дел од барањата на коалицијата „Менуваме“ кои ги доставија денеска во Влада. Ако нема средба, утре во 11 часот „Менуваме“ најавуваат дека ќе постават кампови во „Жена парк“, ќе ги блокираат главните сообраќајници во градот, патарината кај Миладиновци, Тетовската и автопатиштата низ земјава.

„Наша несреќа е што сме родени во држава со пречки во развој  и политичари со посебни потреби. Државата сега е време да покаже колку вреди во интерес на беспомошните, лицата со попречености. Недозволиво е вчера имавме протест на кој не дојде, ниту Претседателот на државата кој треба да биде Претседател на сите, а не на самобендисаните околу него, а ниту Премиерот“, истакна Суарет Алишан.

Од владата велат дека направиле значаен исчекор изминатите години за лицата со попреченост.

„Со процесот на деинституционализација како форма на живеење со поддршка на лица со попреченост имаме воспоставено, три куќи во Неготино и две во Демир Капија. Пет станбени единици за живеење со поддршка во Струмица и струмичко. Во март беше отворен Дневниот центар за деца со попреченост од 14-26 години во Топанско поле, а уште два Дневни центри во Делчево и Липково се во фаза на подготовка. Отворени се 13 нови градинки за 11 месеци, сите се пристапни за деца со попреченост . Законот за дискриминација е усогласен со Конвенцијата за правата на лица со попреченост. За прв пат е изработена мобилна апликација Аудио читач, кој пишаниот текст го претвора во аудио формат“, велат од Влада.

Ако владата нема слух за нивните барања, тогаш ќе ги упатат и до меѓународните организации како Европската делегација, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, амбасадите.  Последен чекор е велат дека ќе барат азил во други држави. Во државава живеат 120 000 лица со попреченост.