Кочани им ја врати болката од пред 4 години – семејствата на жртвите на „модуларна“ чекаат повторно судење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во пожарот што пред четири години избувна во модуларната болница во Тетово, Ибин Емшиу ги загуби таткото и братот. На денот кога се случи трагедијата во Кочани, вели дека ја доживеал истата болка како во 2021 година.

„Изразувам сочувство до семејствата во Кочани. Кога слушнавме за овој случај, моето тело се замрзна, се сеќавам тој ден случајот со болницата во Тетово кога ја видовме таа трагедија, да гледаш како горат живи луѓе не е лесно и ти се блокира мозокот, во какви ситуации сме се нашле во Македонија, да гориш жив, тажно е за тие семејства кои ги загубија најблиските како што јас го изгубив цело семејство“, вели Ибин Емшиу.

Трагедијата во Кочани му отвора рани и на Мумун Исмаили, кој пред четири години ја загуби својата мајка.

„Како семејство во случајот со модуларната болница во Тетово ни се отвори раната со жртвите од модуларната болница со случајот Кочани. Како семејство изразуваме сочувство и со ова интервју сакам да кажам дека и судењето ќе биде отворено од почеток“, вели Мумин Исмаили.

По апсењата извршени во истрагата за случајот Кочани, и Ибин и Мумин се надеваат дека тоа ќе влијае и на повторното отворање на процесот за модуларната болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 лица.

„Да почне од почеток, дали ќе се расчисти случајот со модуларната болница, постапката треба да почне од почеток и да се викне г. Венко Филипче кој го имаше тендерот за болницата, градоначалникот заедно со инспекторот кој ја дава дозволата за изградба, да се направи се во општина Тетово, не само Фљорим Бесими и Артан Етеми, тие се обвинети, но не треба цела вина тие да ја сносат. Јас не припаѓам на ниедна партија, но ако сакаат да ја завршат работата и да си го вратат кредибилитетот од народот, треба да почне од почеток“, вели Ибин Емшиу.

„Нема правда за Албанците, 14 луѓе изгореа додека се лекуваа во болница, нема епилог, никој не презеде одговорност, сега гледаме во случајот со Кочани поранешни министри и полицајци се затворени, а во случајот со модуларната никој не е уапсен. Откажувања имаше од здравствени причини, операција, болест ова-она, а крајот дојде што завчера држеше судски рочишта, додека во модуларната болница поднесе оставка, ние како членови на семејството не сме информирани и не знаеме зошто го напушти судењето за модуларната болница“, вели Мумин Исмаили.

За да го разбереме ова што го вели Мумин – тој вели дека судијата во случајот Јордан Велковски се повлече од повторното судење за модуларната болница и предметот сега го води судијата Реџеп Муса.

Кога го прашавме тетовскиот суд зошто Велковски се повлече, ни рекоа дека тоа е од здравствени причини.

„По барање од здравствени причини на судијата Јордан Велковски, предметот на модуларната болница со АКМИС системот му е  доделен на друг судија“, велат од Основен суд Тетово.

Несфатливо е како тоа може да биде од здравствени причини, кога судиските распореди покажуваат дека судијата Велковски има седници секој ден, како што може да се види на овие слики.

Второто рочиште се очекува да се одржи на 3 април во Основниот суд Тетово, откако апелациониот суд го врати предметот на повторно судење по четири откажувања. Се одржа судење, но предметот беше вратен на повторно судење откако Управниот суд имаше приговори за изведување докази.