Кочани во тага: „Додека луѓето се измачуваат – системот ужива“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кочанчани се собраа да оддадат последна почит за загубените блиски.

„Земаа ми го арамиите, за пусти пари еејјј…….Господ да ги земе сите нив….“

Во центарот на градот се палеа свеќи, се положуваше цвеќе, а се изразуваше сочувство и преку книгата на жалост. Најмладите носеа слогани со натписи „Додека луѓето се измачуваат – системот ужива“.

Сепак меѓу највознемирените беа тинејџерите кои загубиле соученици и пријатели.

-Сите сме многу потресени и јас сум многу потресена – сите луѓе скоро што починаа ги знам и не знам што да кажам, вакво нешто се нема случено до сега. Господ ме гледал, бидејќи скоро секој викенд сум во дискотеката и баш оваа вечер моето друштво, со кое цело време сме во диското, баш оваа вечер не отидовме и што да кажам – Господ не гледал, велат граѓани.

Највозрасните, од друга страна, не знаат за ваква трагедија.

-Јас сум тука родена, тука живеам, златни деца ни отидоа. Имам и јас внука, ама однесоа ја во Скопје на студии беше, не била тука. Ако беше тука, ќе завршеше и она… ах тие проклетници, рече жителка на Кочани.

Меѓу присутните беа и професорите од општинското средно училиште, кои после ужасниот настан, ќе имаат помалку ученици во паралелките.

-Никогаш немало ваква трагедија. За жал сега се соочуваме со најболната ситуација во Кочани. Има многу дечиња кои ги познаваме, наши ученици, другарчиња на нашите деца, комшии и така… Засега нема многу жртви, но има многу повредени. Имаме насоки. Синоќа беше министерката, ни даде насоки за цела недела, вели граѓанин.

Дел од кочанчани пред камерата раскажаа како нивните најблиски ја поминале страшната ноќ. Едниот комшија се уште се моли за здравјето за својот син, а другиот комшија за својата внука.

-Биле до вратата блиску, ама вика не бутнаа и почнаа да газат врз нас и посне кое време некој ме подигна и излегов од таму. Имал многу среќа и многу други деца исто го повторуваат тоа, од нашето маало што биле – дека немало излез од тоа, велат жители на Кочани.

-Почнало да прска и еден од тие пејачите викал излегувајте. И почнале да излегуваат, а мојата внука се нашла таму меѓу првите и паднала таму кај вратата и преку нејзе, не е оштетена, меѓутоа газено е преку нејзе и некој од пожарникарите ја извлекол, рече друг жител.

Присутните на плоштадот истакнаа дека ќе продолжат да се собираат и повикаа на одговорност и правда.