Сопственикот на агенцијата за посредување при работа во странство „Коузон“, Зоран Кочовски, вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека Европа е една од последните напредно развиени региони која го воведува системот за фото идентификација при влез на границите.
„Ценам дека тој систем во иднина ќе придонесе многу за побрзо и покултурно минување на границите,“ рече Кочовски, додавајќи дека Европа ќе се соочи со голем предизвик поради бројот на гранични премини каде треба да се имплементира новата технологија.
Според него, оние што ги почитуваат правилата ќе имаат големи придобивки, додека оние што ги злоупотребуваат ќе бидат банирани.
„Оние кои престојуваат подолго од дозволените 90 дена ќе бидат регистрирани и санкционирани, со забрана за натамошен влез,“ објасни тој.
Кочовски нагласи дека мерката нема да ги погоди легалните работници, туку напротив — ќе им олесни пристап и мобилност во рамки на Шенген зоната.
„За сите што имаат дозвола за престој и работа, ова ќе биде благодет. Но, за оние што работат нелегално или ја напуштаат работата по краток период, ќе следат последици,“ рече тој.
Дополнително, новиот систем ќе значи и поврзување на работните дозволи во целата Шенген зона, што ќе овозможи полесно движење и признавање на статусот на работниците.
„Досега, ако имате дозвола за работа во Хрватска, таа не се регистрираше во Шенген системот, што создаваше административни проблеми. Сега, тоа ќе биде централизирано, што е голема придобивка за нашите кандидати,“ посочи Кочовски.
