Во Општина Тетово се одржаа две седници на општинскиот совет, а трета и четврта се закажани, но на ниту една од нив на дневен ред не е точката за бесплатен јавен превоз во градот.
Ова е едно од главните ветувања на актуелниот градоначалник Биљал Касами, кој на денот на преземањето на мандатот рече дека ќе го реализира токму на првата седница на советот.
Заменик-градоначалникот Алби Ќамили тврди дека оваа одлука ќе се донесе наскоро и дека во 2026 година ќе стане реалност, но не појасни зошто на двете денешни седници точката не беше ставена на дневен ред.
„Без сомнение, ветувањата што ги дадовме за време на изборната кампања ќе ги преточиме во дела. Интензивно работиме на подготовка на документацијата и неопходните услови за тоа како треба да функционира системот. Можам да кажам дека 2026 година ќе започне со бесплатен јавен превоз во Тетово.“, порача Алби Ќамили.
Од Јавното претпријатие за јавен превоз велат дека го чекаат решението од општината, по што ќе започне и спроведувањето.
„Сме во подготовка на планот и мерките кои ќе бидат во согласност со оваа одлука. Ќе се изврши идентификација и реализација на овој план во најкраток можен рок. Се надеваме на што поскоро реализирање за да бидеме усогласени со одлуките и барањата што ќе пристигнат од општината или советот“, вели Изер Кирмзи.
Иако и општината и Претпријатието велат дека проектот ќе започне скоро, ниту една од двете страни не беше во состојба да одговори со кои средства и како ќе се надомести загубата што претпријатието ја бележи уште од неговото основање.
