Кога институциите ќе се судрат: Ревизија против обвинение – Законот не пропишува обврска за проверка и доказ за лиценца за дискотека

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали ревизијата на Министерството за економија и труд ги руши тезите на Обвинителството за дел од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои се базираат на непостапување?! Имено, ревизорите констатираа  дека Законот за угостителска дејност не пропишува обврска за задолжителен надзор при издавање лиценци за угостителски објекти, ниту се бара доказ, туку лиценца се издава врз основа на приложената документација.

„Законот не предвидува задолжителна проверка на исполнувањето на минимално-техничките, санитарно-здравствените, противпожарните и еколошките услови пред издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти, ниту механизам за проверка на отпочнување со работа. Самиот Закон за угостителската дејност не го дефинира начинот на докажување на исполнување на овие услови, ниту се бара доказ за истото при поднесување на барање за категоризација или издавање на лиценци за угостителските објекти- пишува во Извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Министерството за економија за 2024 година“, порачуваат од ДЗР.

Категоризацијата на угостителските објекти, како и обновата на важноста на решенијата за категоризација и лиценците се врши по поднесено барање, без задолжително меѓуинституционално информирање и постапување што создава ризик од работење без исполнети услови или без важечки документи – заклучуваат ревизорите.

„Пријавата доставена до ДПИ, се приложува како доказ при поднесувањена барањето за категоризација на угостителските објекти, како и издавањето на лиценци. Издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти врз основа на доставена потврда, без притоа да биде дефинирана законска обврска за задолжителна проверка на исполнувањето на минималните технички услови пред издавање на решение за категоризација или лиценца, создава ризик од вршење на угостителска дејност од страна на угостители кои не ги исполнуваат дефинираните услови- предупредуваат ревизорите“, велат од ДЗР.

Државниот завод за ревизија  со ревизијата на работата на Министерството за економија потврди дека законот не предвидувал задолжителен надзор при издавање лиценци за угостителски објекти од страна на министерството. Сепак, Обвинителството изгради обвинение во случајот „Пулс“ против поранешни министри и поранешни службеници во ова министерство, токму врз непостапување кое, според ревизијата, не било законска обврска.

Препораката на ревизорите е дека треба да се изврши усогласување и прецизирање на законските одредби за да се воспостави ефикасен механизам за издавање и надзор над извршената категоризација и издадените лиценци угостителска дејност.