Дали владините функционери имаат проблем во добивање на сертификат за безбедност на НАТО или пак доцнењето се должи на тоа што постапката трае одредено време?
Која и да е причината, оваа ситуација најдобро ја користи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј потпретседател јавно вели дека сака да провоцира. Ги обвинува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за правда, Бојан Маричиќ за вмешаност во корупција и соработка со службите на земјите кои не се членови на НАТО.
ТВ21 контактираше и со кабинетот на Спасовски, и со кабинетот на Маричиќ, околу доцнењето на сертификатите.
Од Влада добивме одговор во кој пишува дека административните процедури за добивање безбедносен сертификат се исти за сите членки на НАТО кои можат да траат и до 6 месеци. Додаваат дека пандемијата дополнително го одолжила процесот.
„За Министерот за внатрешни работи, постапката е во тек, а за министерот за правда, ваков документ воопшто не е ни потребен. Независно од тоа, Претседателот на државата, Претседателот на Владата, Претседателот на Собранието, поседуваат национални безбедносни сертификати“, велат од Владата.
Експертите по безбедност, очекуваат од 500 до 600 граѓани на Македонија да добијат НАТО сертификат. Професорот, Марјан Ѓуровски, вели дека тие се од разни видови и нивоа.
Засега е познато дека десетици баратели од Северна Македонија се одбиени за сертификат на НАТО. Она што се проверува за време на процесот за стекнување со овој документ е дали барателот или негов близок имале контакти или соработувале со тајните служби на земјите кои се непријателски настроени кон НАТО.
Друг сегмент кој се проверува е дали барателот е вмешан во корупција.
