За неколку дена ќе стартува и второто полугодие од учебната година, а основното училиште во Визбегово сѐ уште не е отворено, иако беше планирано со работа да почне ова полугодие. Министерот за образование, Јетон Шаќири уверува дека од страна на министерството се завршени сите процедури за технички прием и дека сега одговорна за отворање на објектот е општината Бутел.
„Добрата вест е што објектот ги задоволува сите услови за технички прием. Од сега одговорна за отворање на училиштето во Визбегово е општината, но ме радува фактот што општината ќе го назначи директорот, ќе ги достави барањата и во прашање се денови за одобрување на позитивното мислење од Министерството за финансии за отворање на ова училиште“, вели Јетон Шаќири.
Одговор побаравме и од градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски – што ќе се преземе во однос на ова прашање и кога ќе профункционира училиштето, но тој ни рече дека сѐ уште не го добиле техничкиот прием.
„Застојот до сега е одговорност исклучиво само на МОН. Сѐ уште го чекаме техничкиот прием. Штом ќе заврши, веднаш ќе поставиме директор и ќе почне училиштето“, порача Дарко Костовски.
Во недостиг на училиште, шестоодделенците од Визбегово за да следат настава принудени се да патуваат до општина Шуто Оризаре.
