Во пресрет на локалните избори се почести обвинувања и контра-обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Корупцијата и криминалот е главната тема меѓу двете партии.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски вели дека според извештајот на американскиот престижен центар „The Heritage Foundation“ (Фондацијата Херитиџ) за 2021 година Македонија бележи пад според нивото на економските права и слободи.
Но, од СДСМ велат дека Николовски е последниот кој може да зборува за корупција. Додаваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ е симбол на криминал и корупција, осврнувајќи се на судските предмети кои се водат против членовите на опозициската партија.
„Историскиот грабеж на режимот на Никола Груевски граѓаните многу добро го знаат затоа што многу скапо ги чинеше. Дополнително, тоа го потврдуваат бројните судски предмети кои во моментов се водат против поранешни високи функционери на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, но и за сегашни актуелни пратеници од оваа криминална партија. Дали е тоа предметот за Игор Јанушев за штета врз буџетот од 5 милиони евра, дали е тоа предметот за Антонио Милошоски, или предметите за осудениот криминалец Никола Груевски, дали се тоа предметите за Орце Камчев, Сашо Мијалков, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска“, велат од СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, извештајот на Фондацијата Херитиџ е само уште еден доказ за коруптивното владеење на Заев. Од СДСМ пак, уверуваат дека Владата предводена од Зоран Заев води бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.
