Кој е во право за новиот балансер? – Министерот и директорот со различни изјави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И во претходниот балансер за правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор користен е вкупниот број на населението и истото е направено и сега, изјави за ТВ21 министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Тој додаде дека нема никаква измена кај балансерот освен новите податоци за населението.

„Промената е што имаме нови бројки од пописот во 2021. т.е. се менува инпутот на балансерот. Користената методологија е иста и непроменета од 2016 година. Балансерот го покажува начинот на распределба по етничка припадност во однапред планираните вработувања во годишните планови за вработување во јавната администрација“, велат од МИОА.

Но, директорот на ДЗС, Апостол Симовски го оспорува новиот балансер. Вели дека не можат да се бројат тие 6,4% од населението кои не се изјасниле за својата етничка припадност.

„МИОА нè контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствената категорија што треба да ја гледаат е резидентото население. Не може да ги распоредите. Не знаеме и тука нема нагаѓање. Тие 7% се неизјаснети и ќе си останат во групата на останати“, порача Апостол Симовски.

Меѓутоа министерот Алити смета дека секој граѓанин има право на вработување.

„Нема да ја коментирам изјавата на директорот, за тие 6,4% попишани кои не се изјасниле за својата етничка припадност, можам да изјавам дека и тие граѓани имаат право на вработување во јавната администрација исто како и сите други државјани“, велат од МИОА .

Го прашавме министерот Алити дали ќе има нови вработувања во јавната администрација. Тој рече дека вработувања секогаш ќе има бидејќи секоја година има административци кои заминуваат во пензија, но овој пат ќе биде потребно секоја јавна институција при правењето на годишниот план за вработување да го зголеми процентот на вработување на Албанци, односно една третина од вработени ќе мора да бидат Албанци.