Кој ќе ги собере на средба лидерите Албанци? – Отстранување на 20% од Уставот како дефиниција за Албанците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе седнат ли албанските партии заедно за да изградат заеднички став во однос на укинувањето на терминот 20% за Албанците од Уставот? По вчерашниот повик на Алијанса за Албанците за обединување на албанскиот блок, денеска ги прашавме политичките субјекти – дали тие би биле иницијатори на една ваква средба?

„Што се однесува до конкретните ставови на Алијанса за Албанците и иницијативите, има партиски тела и органи кои ги носат одлуките. Можам да ве информирам дека денеска имаме средба. Комисијата за организирање на конгресот која ги има надлежности на раководството на партијата до одржување на конгресот, ги проследува одлуките и сигурно таму ќе ги конкретизираме овие чекори. Секако очекуваме и другите партии да рефлектираат и овојпат заедно да се заложиме за укинување на овој апсурд од Уставот на земјава“, вели Сурија Рашиди.

Од ДУИ без конкретен одговор дали би иницирале ваква средба. Освен средбата со Тачи што ја имаше првиот интегративец, Али Ахмети, консултациите за ова прашање ќе продолжат со другите фактори во земјава.

„Тоа не е ексклузивно етничко прашање, туку е функционално прашање. Ќе продолжат консултациите со сите релевантни фактори во државата. Само за потсетување, сите досегашни достигнувања во нашата земја, на сите нивоа, од сите аспекти, во сите димензии се резултат на блиското партнерство на нашата земја, институциите и политичките партии во земјата со нашите меѓународни пријатели“, порача Арбр Адеми.

Алтернатива не разговарала за организирање ваква средба.

„Искрено сѐ уште немаме дискутирано на оваа тема меѓу владините партнери. Помалку важно е кој ќе ја иницира средбата, отколку самата содржина на средбата. Секако, ваква средба ќе биде добредојдена и за нас, бидејќи ќе имаме можност да ги изнесеме нашите ставови не само за темата што ја спомнавте, туку и за други прашања кои помагаат за унапредување на демократијата и меѓуетничката кохезија во РСМ“, велат од Алтернатива.

Од Движењето Беса, пак, порачуваат дека ги конкретизираат чекорите како да се дојде до бришење на дефиницијата 20%.

„Во текот на неделава, Движењето Беса ќе одржи средба на Централното раководство, по што ќе излеземе со конкретни ставови за формата и моделот како да дојдеме до укинување на терминот 20% од Уставот и негово заменување со формулацијата „албански јазик“, посочуваат од БЕСА.

В понеделник во емисијата „Клик Плус“ на оваа тема говореше и првиот човек на ДПА, Мендух Тачи.

„Рационално одлучив да побарам да поразговарам со г.Ахмети и да му ја понудам мојата скромна поддршка ако тој може да го реализира тоа, јас чекам! Можете да кажете – а другите партии? Тоа е негова обврска“, вели Мендух Тачи.

Од ВМРО-ДПМНЕ се „за“ бришење на дефиницијата 20% за Албанците, но со тоа, како што велат од партијата, да се укине и механизмот Бадентер и Балансерот. Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека би било добро партиите да седнат на маса за уставните измени со цел да се изнајде решение прифатливо за сите страни.