Кој ќе ги згрижи децата во градинките? – Нема договор со Владата, СОНК најавува генерален штрајк од 11 април

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто бараат од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, во спротивно најавуваат од 11 април генерален штрајк во училиштата и градинките. Барањето на СОНК е усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува на 18.000 денари. Дополнително од Синдикатот бараат минималната плата во иднина да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор.

„Децата во градинките не смеам да кажам дека нема да ги примиме, но воспитно-образовниот кадар нема да врши воспитно-образовна и згрижувачка дејност што значи реално и нема кој да ги прифати децата во основно и средно образование ќе има прекин на наставата“, вели Јаким Неделков.

Вчера  преговараа со претставници на Владата за нивните барања, но без решение.  Од Влада за ТВ21 велат дека во изминатиот период покажале дека отворено и силно го поддржуваат социјалниот дијалог во општетсвото, па во таа насока ќе продолжат и понатаму.

„Како Влада подготвени сме да дискутираме и за прашањето за општиот колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се утврди  и правото на регрес и за усогласување на останатите плати со минималната“, велат од Влада.

Сегашната плата на негувателките во градинките е 18 000 денари, на воспитувачите 24 000 денари, на наставниците 24 500, а на професорите 25 500, информираат од СОНК. Одговор за тоа кој ќе ги згрижи децата побаравме од МТСП, но се уште немаме.