Кој кому се меша во внатрешните работи? Нови „стрели“ меѓу Скопје и Софија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кој кому се меша во внатрешните работи – Скопје и Софија меѓусебно се обвинуваат, откако премиерот Христијан Мицкоски повика Бугарија да ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство. По ова, реагираше бугарското МНР.

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија уште еднаш демонстрира недоволно познавање за одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да бидат сфатени и како вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија.“, велат од бугарското МНР.

Од МНР одговорија дека пресудите, за македонското малцинство во Бугарија, се задолжителни.

„Нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународни обврски да ја префрли врз нашата држава.“, велат од македонското МНР.

Мицкоски жали што шефот на бугарската дипломатија, како што вели, заборавил дека добрососедските односи се европска вредност за двете земји и оцени дека Бугарија се меша во внатрешните работи на Македонија.

„Доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е тоа.“, изјави Мицкоски.

Премиерот повтори дека стратешка цел на државата е членство во Унијата, а претходно бугарското МНР реагираше дека Мицкоски го заобиколува францускиот предлог и го дефокусира мислењето на јавноста од недостатокот на реформи.