Фудбалската еуфорија повторно ја зафати светската јавност, а со почетокот на Светското првенство вниманието е насочено кон најголемиот спортски спектакл кој традиционално ги обединува навивачите од сите континенти. Еден месец исполнет со натпревари, емоции и неизвесност ги претвора гледачите во селектори, аналитичари и страсни поддржувачи на своите омилени репрезентации.
И додека милиони фанови ширум светот ги прават своите прогнози, „Слободен печат“ праша дел од македонските политичари, функционери и јавни личности – за кого навиваат и кој според нив ќе стигне до светската титула.
Претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски, им посакува многу успех на фудбалските репрезентации од соседството.
– Благодарам на прашањето, јас немам втор фаворит покрај нашата македонска фудбалска репрезентација, но доколку морам да се одлучам, им посакувам многу успех на фудбалските репрезентации од соседството – изјави премиерот за „Слободен печат“.
Поранешниот претседател на Македонија Стево Пендаровски вели:
– Кога не игра Македонија, секогаш навивам за Бразил.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски навива за Португалија и смета дека Португалија ќе биде шампион.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, има друг фаворит.
– Навивам за Хрватска – посебно затоа што ова, најверојатно, е последното Светско првенство на Лука Модриќ, еден од најдобрите фудбалери на нашето време и симбол на една извонредна генерација. Но, ако зборуваме реално за фаворит, според мене Франција има најсилен состав и најголеми шанси да оди до крај – ни рече Муцунски.
Пратеничката Славјанка Петровска има интересна приказна за нејзиното куче кое добро типува победници.
– Навивам за Босна и Херцеговина и Турција, ама битката мислам дека ќе се води помеѓу Англија и Франција. Инаку моето кученце Стела веќе точно типуваше дека меѓу Германија и Курасао ќе победи Германија – ни рече Петровска.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски навива за Босна и Херцеговина, а претседателот на СДСМ Венко Филипче, иако не е голем љубител на фудбалот, сепак симпатиите ги насочува кон Хрватска.
Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека нема посебен фаворит.
– Да не кажам нека победи подобриот. А ако морам да издвојам некоја репрезентација, нека биде Мароко – изјави Гаши.
Пратеничката од ЗНАМ Весна Бендевска вели дека сериозно го следи фудбалот и традиционално навива за Босна и Брегот на слоновата коска, а смета дека Германија може да стигне до титулата.
Претседателот на Левица Димитар Апасиев, кој отсекогаш навивал за Италија, сега својот фаворит го гледа во Бразил.
Максим Димитриевски вели дека секогаш навива за аутсајдерите, но ги издвојува Босна и Херцеговина и Хрватска како најблиски симпатии.
Министерот за спорт Борко Ристовски верува дека Шпанија ќе биде шампион.
Директорот на АНБ Бојан Христовски вели дека не следи фудбал, но можеби ќе почне кога Македонија ќе се пласира на Мундијал.
Портпаролката на Владата Марија Митева вели дека иако нема конкретен тим, симпатиите ѝ се кон Хрватска и Босна и Херцеговина, а посебно ја привлекува навивачката атмосфера и традицијата на собирање сликички.
И од други професии пристигнаа фудбалски избори. Отец Антонио Апостолоски вели дека традиционално навива за Италија, а сега фаворит му е Аргентина поради Лионел Меси.
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески прогнозира титула за Португалија, иако лично навива за Шпанија.
Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје Даниела Димовска смета дека Франција е најголем фаворит, но симпатиите ѝ се кон Босна и Херцеговина.
Владиката Пимен навива за Италија и Франција, а не би го исклучил ниту изненадување од африканските репрезентации, како Мароко.
Фудбалот уште еднаш ги спои различните ставови, симпатии и прогнози, но сите соговорници се согласуваат во едно – пред нас е турнир полн со неизвесност и врвен спортски спектакл.
