Колку европски пари ќе изгуби Македонија!? Сали: Не заостануваме, но има закони кои нема да ги исполниме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот и министер за евроинтеграции, Беким Сали смета дека предупредувањата на еврокомесарката Марта Кос и на европратеникот Томас Вајц дека Македонија ќе изгуби околу 50 милиони евра бидејќи не се исполнети обврските од реформската агенда се превентивни, со цел да се забрзаат реформите. Сали смета дека Македонија не заостанува во исполнувањето на овие барања и вели дека од 10 за 6 од нив се при крај. Сепак еден од оние кои се чини нема да биде донесен е Изборниот законик, за кој Сали рече дека е специфичен закон.

„Очекуваме во јуни да ги исполниме од 10-те точки кои се навистина критични и обемни, мора да признаеме дека се многу специфични и не случајно се останати така. Едно од специфичните точки е Изборниот законик на пример кој што бара поголем, поширок консензус, не можеме тоа да го направиме преку ден како Изборен законик само за да исполниме чекор затоа што износите кои што ги споменуваме се околу 4 до 8 милиони евра за секој чекор“, вели Сали.

Евроамбасадорот Михалис Рокас потврди дека потребно е да се исполнат 10 точки до јуни, за кои рече дека се работи. Тој не сакаше да предвиди колку од нив ќе се успее да се завршат.

„Има десет чекори кои треба да бидат завршени до јуни, што е грејс период за тоа што требаше да биде исполнето до јуни минатата година. Така функционира системот на реформската агенда и доколку рокот истече и тие не се исполнат парите се губат. Напорно се работи, не можам да предвидувам ќе мора да почекаме до крајот на јуни да видиме“, изјави Рокас.

Македонија имаше рок за исполнување на реформската агенда до јуни минатата година, но и беше даден грејс период уште една година. Тој период завршува во јуни, по што ќе се знае колку Македонија ќе исполни од реформската агенда на Планот за раст на Европската унија, а со тоа и колку пари ќе изгуби поради нивно неисполнување.