Доби позитивен резултат на Ковид19 и требаше да биде 14 дена во изолација, но градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не издржал, па немајќи доверба во МЗ, отишол во уште две болници во Скопје да се тестира. Добил негативни резултати за Ковид-19. Од Санитарен инспекторат велат дека пациентот кој е во изолација не смее да излегува од одма, освен ако му се влоши здравствената состојба. Ова значи дека Димитриевски го прекршил протоколот, а директорката на Здравствениот инспекторат Ирина Сотирова Бухова вели дека почнале надзор на здравствените институции кои се вклучени во упатувањето на Димитриевски до Скопје.
Димитриевски не даде изјава пред камера и не објасни зошто се тестирал во приватни клиники, но рече дека ги почитувал сите здравствени протоколи и е во постојана комуникација со матичниот лекар. Иако синоќа побара да му се прекине изолацијата на него и неговото семејство, денеска рече дека ќе продолжи да седи дома уште една недела.
Во врска со различните резултати кои не кореспондираат меѓу себе, од Институтот за јавно здравје кои се одговорни за резултатите за Ковид-19 за ТВ21 велат дека не станува збор за никаква грешка. Разликата меѓу првиот тест направен во Институтот и тестовите од други лаборатории е 10 дена, доколку сега пациентот е негативен, тоа не ги отфрла нашите резултати дека бил позитивен.
Потсетуваме дека на 16 април градоначалникот на Куманово самиот изјави дека е позитивен на Ковид-19 утрото кога стигнале резултатите од Центарот за јавно здравје Куманово. Меѓутоа ден пред тоа, пред да го дознае резултатот, на 15 април, на посета во Кризниот штаб во Куманово беа техничкиот премиер Оливер Спасовски, заедно со вицепремиерот Бујар Османи и министрите Арбр Адеми и Венко Филипче. Сите владини функционери се тестираа и беа негативни на Ковид-19, но ќе останат во изолација уште една недела според здравствениот протокол.
