Трамп: Сакам да го решам прашањето за Куба пред истекот на мандатот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да го „реши проблемот со Куба“ пред истекот на неговиот мандат, објави ДПА.

„Сакам да го завршам прашањето за Куба пред да заминам“, му рекол Трамп на радио-водителот Хју Хјуит, кој го прашал дали ја разгледува можноста за „ослободување на Куба“ преку воена интервенција.

„Внимателно ја следиме ситуацијата. Земјата се наоѓа во многу тешка состојба. Во суштина, тоа е пропадната држава, пропадната територија или како и да сакате да ја наречете“, изјави Трамп.

Претседателскиот мандат на Трамп треба да заврши во јануари 2029 година.

Во текот на изминатите месеци, американската влада воведе низа санкции против Куба, со што дополнително ја продлабочи долгогодишната економска и енергетска криза во земјата, како и вонредната хуманитарна состојба во оваа карипска држава со 9,4 милиони жители.

Вашингтон јасно стави до знаење дека очекува економски и политички промени во Куба, како и дистанцирање на кубанската влада од големите светски сили, како Кина и Русија, во име на националната безбедност на САД.