ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Петре Шилегов го зголемил своето богатство за 417 000 евра, и се богател за 83 000 евра годишно. Како што велат од партијата на Мицкоски, Шилегов на функција дошол со 915 000 евра, а сега велат тежи 1, 3 милиони евра.
Не им е јасно и како ги нема во анкетниот лист автомобилите на скопскиот градоначалник кои ВМРО-ДПМНЕ ги проценува на 95 000 евра.
„Петре Шилегов заминува од функцијата градоначалник на Скопје со речиси нова зграда во скопски Карпош. Само Петре Шилегов успева со чиновничка плата да дојде до коренито реновирање на речиси нова зграда од семејна куќа во скопски Карпош“, истакна Наум Стоилковски.
Шилегов пак потсети дека уште во јуни кажал дека влегуваат во кампања и дека ќе се изнаслушаме за Шилегов се и сешто.
„Нека продолжат немам намера да се занимавам со ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, јас имам намера да се занимавам со Скопјани и со Скопје и решавање на проблемите во нашиот град“, вели Петре Шилегов.
Со сработени четири булевари, еден мост кој е скоро готов и започнат втор, решена „Дрисла“ , дигнато зеленило во сериозен квалитет, Бас Рапит до точка на изведба, нормално е вели скопскиот градоначалник дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сакаат да разговараат за се освен за Град Скопје.
