Дел од домашните владини функционери заземаа страна по случувањата во Србија. Меѓу протестите на студентите и српската власт, тие ја избраа српската власт и претседателот Александар Вучиќ. Нему последно јавна поддршка во изјава за Канал 5, му даде министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, во име на српската заедница во земјава.
„Зад студентите се маскирани многу сериозни политички групации, очигледно дека станува збор за една синхронизирана акција која ако ништо друго сака барем Србија да ја запре на патот на економскиот развој и на политичката стабилност“, изјави Иван Стоилковиќ.
Претходно и заменичката министерка за европски прашања Викторија Трајков во интервју за локалната ТВ Стар коментираше што се случува во Белград, со критика за протестите.
„Ние го преживеавме тоа… знаете како беше со таа Шарена, црвена, жолта или како и да ја викаа, револуција и цената ја плативме на таа револуција, така што можеби српскиот народ еве ќе освести“, изјави Викторија Трајков, заменик министерка за европски прашања.
Ставовите на владините функционери ги искоментира и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Никој никогаш да не ја потценува силата на народот – тие даваат власт, тие земаат власт“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Инаку, додека траеше еден од најмасовните протести во Белград, минатата недела, беше протерана и државјанка на Македонија, со образложение дека претставува „безбедносна закана“. Загриженост изрази Министерството за надворешни работи, од каде најавија дека ќе бараат објаснување за настанот.
