Комесар за здравство на ЕУ: Вакцините против мутации на вируси нема да поминат низ целиот процес на одобрување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија ќе го забрза одобрувањето на вакцините за коронавирус прилагодени за борба против мутациите на вирусите, објави денеска во интервју за германскиот весник комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес.

„Одлучивме дека вакцината кои производителот ги темели врз основа на претходна вакцина во борбата против нови мутации повеќе не треба да поминува низ целиот процес на одобрување “, рече Киријакидес за весникот Аугсбургер алгемајне.

Европската комисија се најде на удар на земјите-членки на ЕУ за доцнење во испораката на вакцини, оставајќи ја ЕУ зад земјите како Велика Британија и Соединетите држави.

Киријакидес е член на новата работна група, предводена од комесарот за индустрија Тиери Бретон, која работи на отстранување на тесните грла во производството на нови варијанти на вакцини.

„Иако вакцинациите започнаа полека во првиот квартал од 2021 година, тие ќе се зголемат во вториот квартал, а до крајот на септември ЕУ очекува да добие доволно дози од лиценцирани производители за да опфати над 70 проценти од населението“, рече Киријакидес.

Таа го повтори ставот на Комисијата дека  затворањето на границите не е ефикасно оружје против инфекциите.

Германија во моментов воведува забрани за влез на патници од Чешка и австрискиот регион Тирол за да се спречи ширењето на нови верзии на ковида-19.